Марио Танкоски, е еден од петте дебитанти во подмладениот состав на машката ракометна репрезентација со кој селекторот Раул Гонзалес ги стартува подготовките пред настапот на СП во Германија и Данска, во јануари. Бекот на Металург влегува во комбинација како потенцијална опција на среден и на лев бек.
На вчерашниот прв собир, 20-годишниот бек истакна дека Македонија ќе има тешки противници во групата, но и дека нема лесно да се предаде на ниеден меч.
„Денеска сите играат ракомет. Па и Јапонија и Бахреин се противници што не смеат да се потценат. Јапонија за селектор го имаат Дагур Сигирдсон на клупата, сигурно дека и тие добро работат и се подготвуваат за некој успех ова првенство. Другите противници, помалку или повеќе ги знаеме, Хрватска добро ја знаеме, Исланд исто така. Шпанија е европски првак, тоа доволно зборува. Групата е тешка, но и ние сме последниве 10-15 години во горно ниво на европскиот и на светкиот ракомет и мислам дека нема на никого да му биде лесно со нас“ – истакна Марио Танкоски.
Пред настапот на СП, македонската репрезентација ќе одигра два контролни натпревари со репрезентацијата на Србија, на 4 и на 5 јануари во Скопје. Настапот на Мундијалот, ракометарите го почнуваат на 11 јануари против селекцијата на Јапонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА