Тасевски: Покажавме карактер… Не е мала работа да се победи на тој начин Работнички!

Тренерот на Силекс, Жикица Тасевски не го крие задоволството од победата против Работнички од 2-1 во дерби пресметката од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига. Посебно што истата следеше по пресврт, откако неговиот тим имаше негатива од 0-1 по првото полувреме.

„Покажавме навистина голем карактер на вчерашниот натпревар… Против една екипа каква што е Работнички да се вратите од негатива и да стигнете до целосен пресврт и победа навистина многу зборува за карактерот на тимот. Затоа сум горд на момците. На еден ваков меч во кој може да се очекува изедначеност најчесто пресудува поголемата желба за победа. Уште пред натпреварот огромен мотив носеа фудбалерите за надигрување и тоа ги водеше до трите бода“ – вели стратегот на Силекс.

Кратовци по триумфот над Работнички се пробија на третата позиција на табелата со 28 бода, зад водечката Шкендија и второпласираниот Вардар кој е со 32 бода. Во последното коло од есенскиот дел Силекс на 3. декември гостува на Академија Пандев во Струмица.

Се вчитува...