Кошаркарите на Пелистер продолжуваат со интензивното темпо на натпревари, враќајќи се на обврските во домашното првенство со неделниот домашен натпревар против Куманово, вечерва од 19 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
„Пелистерци“ ја имаат улогата на фаворит на овој дуел, но падот на концентрацијата во финишот во Подгорица во АБА2 беше добра лекција дека секој меч мора да се игра максимално во текот на сите 40 минути ако се сака да се стигне до триумф.
„Играме против Куманово, тоа е солидна екипа што знае да одигра квалитетна кошарка. Наше е никако да не ги потцениме, тоа не смееме да си го дозволиме… Имаме голема предност бидејќи играме на домашен терен, верувам дека ако одиграме агресивно како што знаеме, со малку грешки во нападот, победата ќе биде на наша страна“ – вели Виктор Ташовски во пресрет на мечот со Куманово.
Плејмејкерот пристигна летово од редовите на ТФТ, а Ташовски не го крие задоволството што има можност да заигра во родната Битола.
„За прв пат во кариерата играм за Пелистер, во градот во кој што сум роден и можам да кажам дека е одличен предизвик за мене. По три сезони ги сменив клупските бои, не можам да кажам дека беше лесно, но одлично сум прифатен од соиграчите и тоа значително ми ја олеснува адаптацијата. Мислам дека имаме добар почеток на сезоната, но се надевам дека ќе играме уште подобро како што ќе одминува времето, се со цел да се обидеме да го освоиме првиот пехар за Пелистер“ – оптимистички е расположен Ташовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА