Гостивар стигна до фантастична победа од 67-64 над шампионот МЗТ Скопје, со феноменален пресврт на новиот прволигаш во последната четвртина, во која надополни негатива од дури 15 поени. Диме Тасовски уште еднаш покажа зошто важи за „доктор“ на домашната кошаркарска сцена, предводејќи го овој тим до голем триумф над актуелниот првак, кој очигледно има уште многу проблеми за решавање без оглед на освоениот пехар во Купот на Македонија.
МЗТ Скопје ја презеде контролата од самиот почеток, пред се благодарение на цврстата одбрана. Гостиварци немаа одговор во првата четвртина, во стартните девет минути постигнаа само четири поени, за овој период од мечот да заврши со 8-16. Шампионот набрзина стигна и до двоцифрена предност, а во втората четвртина „штрковите“ стигнаа и до огромни „плус 18“ (15-33). На одмор се замина со резултат 23-38 и се чинеше дека МЗТ рутински ќе ја оправда фаворитската улога, но домаќините имаа поинакви планови.
Ветеранот Диме Тасовски долго време самиот го одржуваше својот тим во игра, не дозволувајќи разликата да стане уште поубедлива, за во последната четвртина крилниот кошаркар конечно да добие соодветна помош и од соиграчите. Покрај него од далечина почнаа да погодуваат и Димчевски и Таварион, гостите од Скопје веќе делуваа неспособни да го запрат налетот на гостиварските кошаркари, кои направија целосен пресврт иако во последните десет минути се влезе со резултат 41-56. Во последните пет минути „металците“ одиграа катастрофално во нападот, а кога беше најважно Тасовски ја презеде врз себе одговорноста, реализираше неколку слободни фрлања во низа и му донесе огромен триумф на Гостивар, изразен со конечни 67-64.
Долгогодишниот репрезентативец го заврши натпреварот со 23 поени (шест тројки) и пет украдени топки, додека по девет постигнаа Димчевски, Магдевски и Сегариќ. Кај МЗТ Скопје најефикасен беше Крофорд со 13 поени, но и дури осум загубени топки, а по пет пати топката на противниците им ја подарија Стојановски и Лалиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА