Диме Тасовски ќе стисне заби и ќе му помогне на националниот тим на претстојното гостување против Естонија, во обид да се стигне до победа што ќе значи и пласман во главната квалификациска рунда за СП 2019. Крилниот кошаркар заработи незгодна повреда на дуелот со Косово, па иако отокот беше голем, а шансите за настап во Талин сведени на теорија, сепак состојбата на Тасовски во последните 48 часа се подобри, па тој ќе се најде меѓу патниците за Талин.
„Вечерва Тасовски не тренираше со остатокот од тимот бидејќи не сакавме да ризикуваме. Како и да е, тој ќе дојде до нас во Естонија, очекувам утре да тренира, па потоа в среда да го искористиме онолку колку што ќе биде во можност да помогне. Јасно е дека неговото искуство ќе биде важно за нас во еден така значаен натпревар“ – изјави селекторот Јорданчо Давитков за ЕКИПА.
Македонија загуби на домашен терен од Естонија, па сега мора да брка триумф во Талин за да го осигура најмалку второто место во групата. Во спротивно, „црвено-жолтите“ ќе треба во последното коло да се „крстат“ во Естонците, кои во меч без никакво значење за нив ќе гостуваат во Приштина против Косово, селекција која со победа ќе ја мине Македонија на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА