Отсуството на Меси и Суарез на синоќешниот дуел на Барселона против Бетис, отвори можност за деби на 16-годишниот Ансумане Фати. Влезе во игра во 78. минута на местото на Карлос Перез, веднаш потврдувајќи дека се работи за огромен потенцијал.
Фати е од Гвинеја Бисау, мала држава на работ на западна Африка, а синоќа стана вториот најмлад фудбалер кој дебитирал за првиот тим на Барселона, со само 16 години и 298 дена. Единствено помлад бил Виченц Мартинез во далечната 1941 година.
По натпреварот, Меси го прегрна Фати како свој син а фотографијата ја подели на Инстаграм пишувајќи:
„Одлична игра, три големи бода во Ла Лига и навистина драго видени момчиња кои ги остваруваат своите соништа со настап за првиот тим на Камп Ноу“.
Таткото на младиот фудбалер, пак, по мечот истакна дека за неговиот син, додека живееле во Севилја, бил заинтересиран и Реал Мадрид, но дека пресудила само една работа во одлуката за Барса…
„Реал ни нудеше многу подобри услови од Барселона, но Барса ја одбравме затоа што дојдоа дома кај нас, разговаравме и не убедија. Нивниот начин, срдечен и искрен, навистина ни се допадна“ – вели таткото на Фати и дополнува:
„Не веруваше дека ќе заигра за првиот тим на Барса. Кога му кажаа мислеше дека е шега. Сега има огромен мотив за понатака“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА