Еди Таварес беше меѓу најзаслужните што Реал Мадрид се закити со нова европска титула, но доминантниот центар летово речиси сигурно ќе си замине од таборот на „кралскиот клуб“.
Клупските директори во последните петнаесетина дена водеа интензивни преговори за нов договор со Таварес, кои денеска и официјално завршија неуспешно. Центарот од Зеленортските острови сезонава заработи 1,7 милиони евра од Реал, а во преговорите тој инсистираше на плата со загарантирани три милиони евра по сезона. „Кралевите“ не ги прифатија ваквите услови и сега се подготвуваат за продажба на Таварес во текот на летово, за да не се случи тој во 2024 година како слободен играч да си замине од Мадрид.
Целата ситуација будно ја следат челниците на Портланд, кои се подготвени да му дадат богат договор на центарот за да го убедат да се пресели во НБА-лигата. Тој има клаузула за заминување од шест милиони евра што би можел да ја плати на три рати, доколку добие понуда од Портланд со која би ја покрил и оваа сума Таварес сериозно ќе размисли за преселба од другата страна на Атлантикот.
Реал Мадрид веќе има нов план за центарската позиција, да го врати назад во клубот Вили Хернангомез. Шпанскиот репрезентативец настапуваше за Реал од 2012 до 2016 година, потоа се пресели во НБА, но веќе ја активираше клаузулата за заминување од таборот на Њу Орлеанс. Доколку не добие сериозна понуда од некој НБА-лигаш (засега такво нешто не е најавено во американските медиуми) тогаш тој сериозно ќа ја разгледа опцијата за камбек во Европа, каде во преден план дефинитивно ќе биде Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

