Тажната вистина за уште еден македонски град: И Валандово остана без фудбал!

Тажна фудбалска судбина за уште еден македонски град, за уште еден поранешен македонски прволигаш.

При крајот на 2022 година фудбалерите на Победа од Валандово го одиграа последниот меч од есенската сезона во Третата лига-Исток против Вардарски од Богданци на кој прославија убав јубилеј – „100 години од формирање на клубот“. И кога свеченостите поминаа, на кои беа прогласени најдобрите фудбалери и судии во долгогодишната историја на Победа, следи студен туш за нејзините навивачи, за оние вистински вљубеници на  фудбалот во овој град во југоисточниот дел на Македонија. Неочекувано, Победа, која и во првиот дел од првенството на Третата лига-Исток се бореше со многу проблеми, најмногу финансиски, недостаток на квалитетни фудбалери, беше претпоследна на табелата со само 5 освоени бода, на почетокот од вториот дел од првенството го откажа учеството во лигата. Преку ноќ Валандово остана без фудбал, иако градот располага со две убави игралишта, со  трибини и сите други придружни објекти. Едно од нив беше изградено од Агенцијата за млади и спорт.

Победа долго години играше во Првата и Втората фудбалска лига на Македонија, од нејзините редови се и познати фудбалски имиња почнувајќи од Миле Боев, кој беше прогласен најпрвин за фудбалер на векот на Валандово, а потоа и на Победа, долгогодишниот голман на скопски Вардар, Момчило Грошев, Глигор Узунов, кој едно време како голем талент беше член и на белградска Црвена звезда, потоа Здавко Зајков, Љупчо Павлов, Трајче Новоселов, Митко Бајлозов, Милан Ѓурчилов…, но и поранешниот македонски репрезентативец Мирослав Ѓокиќ.

Миле Боев

Победа ја имаат тренирано Гоце Петровски, Митко Џртев,  Благој Ашиков… Да не ги заборавиме и познатите фудбалски судии кои судеа и во Втората лига на поранешна Јуославија: Илија Турунџиев, Стојан Стојанов, Васе Аџиев, кои поседуваа лиценца на сојузни судии.

Беа тоа убави фудбалски  времиња за Валандово, кога клубот финансиски го помагаа браќата Исиров, кога претседател беше Благој Шунтев, но последниве години Победа повеќе не беше тоа што беше. Испадна  од Првата  потоа и од  Втората лига на Македонија, се мачеше во Третата, едно време играше и во Општинската лига на Валандово но дојде веќе крајот. Раководството на градот како да не беше заинтересирано за фудбалот за да и помогне на Победа. Младиот тренер Александар Исиров, кој беше и претседател и кабинер и одржувач на теренот, не можеше сам и покрај сите напори да ја спаси Победа од згаснување. И што е уште поинтересно, Општински фудбалски сојуз на Валандово има член во Управниот одбор на ФФМ и тројца членови во Собранието на ФФМ. Зарем тие не можеа да и помогнат на Победа да преживее? Впрочем од клубовите од овој општински фудбалски сојуз, кои играа и во Втората лига на Македонија Црвена Звезда од Јосифово повеќе не постои, сега се прават напори Ударник од Пирава, кој има убав фудбалски терен повторно по неколку години да заживее. Тоа е вистината за фудбалот во овој дел на Македонија, за жал.

Во Победа остана само една екипа од дечиња кои настапуваат  во пионерската лига, но далеку е тоа од оној вистински фудбал, особено што и тие стравуваат за својата судбина, до кога ќе тренираат и играат.

М.Мицковиќ

Се вчитува...