Пред само десетина години во Железарница се градеше тим кој требаше да ја донесе титулата. Фудбалскиот клуб Металург влезе на фудбалската сцена со цел да дојде до шампионски трофеј, но таа цел никогаш не ја оствари. Беше три пати по ред вицепрвак, во 2011, 2012 и 2013 година, го освои и Купот во 2011 година, играше финале во 2014, но екипата од Железарница, или како што некои милуваат од Автокоманда, никогаш не стигна до посакуваниот шампионски трофеј.
Низ Железарница продефилираа многу познати фудбалски имиња, кои тогаш или подоцна станаа и младински и сениорски репрезентативци. Марјан Радески, Влатко Стојановски, Владимир Димитровски, Јован Костовски, Илија Несторовски, Андреја Ефремов, Музафер Ејупи, Марко Симоновски, Адис Јаховиќ, Димитрија Лазаревски, Зоран Јовановски, Милан Илиевски, Игор Кралевски, Баже Илијоски, Крсте Велкоски, Благоја Љамчевски… се само дел од оние кои го носеа дресот на „металурзите“.
Зошто тимот не успеа да дојде до титула, тоа е нешто сосема друга приказна, но за остварување на целта Металург успеа да направи и нови соблекувални на стадионот Железарница. Сега од тие соблекувални не остана ништо. Искршени врати, оставени дресови на земја, многу ѓубре. Низ видеото може да се види дека просториите на Металург личат како некој да ги оставил на „бегање“. Или со еден збор – руина.
Металург за последен пат настапуваше во прволигашката конкуренција во сезоната 2015-16, веќе следната испадна и од второлигашката конкуренција, и од тогаш на тимот му се губи „трага“. Екипата не се натпреварува никаде, а официјално клубот не е згаснат.
Можеби овие тажни сцени чекаат некои подобри времиња, да дојде некој кој ќе сака да инвестира и да го врати клубот на старите патеки.
Во меѓувреме се најавуваше голем проект, покрај шампионски тим беше најавувана и инфраструктурна експанзија односно помошни терени за првиот тим и младинските категории, но од тоа не бидна ништо.
Погледнете на што личи сега соблекувалната и просториите на ФК Металург од видеото кое се појави на социјалните мрежи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

