Партизан од почетокот на летово е во офанзива за потписот на Чима Монеке, а последните информации говорат дека „црно-белите“ конечно направиле исчекор во преговорите со Басконија за ангажман на нигерискиот крилен кошаркар.
Како што јавува српски „Телеграф“, Басконија инсистираше на 1,5 милиони евра отштета, но откако ниту еден од заинтересираните клубови не понуди ни приближна сума шпанскиот клуб ги намали побарувањата. Според истиот извор, последната понуда во висина од 900.000 евра од Партизан била прифатена од страна на раководството на Басконија, по што останува да се средат само уште неколку детали за овој мегатрансфер да биде официјализиран.
Партизан се екипираше на речиси сите позиции по играчкиот ремонт што го направи Жељко Обрадовиќ, а крилната позиција остана најдефицитарна по договорените засилувања до овој момент. „Црно-белите“ преговараа и со ветеранот Клајбурн, кој на крајот заврши во Виртус Болоња, но нема сомнеж дека Монеке би бил најзвучно засилување на белградскиот евролигаш ако мегатрансферот од Басконија се официјализира.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА