Македонски Телеком предвреме го раскина договорот со Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на Република Македонија (АДСДП), за ребрендирање и именување на националната арена „Филип Втори Македонски“ во „Телеком Арена“, дознава ЕКИПА.
Иако засега од АДСДП нема информација околу одлуката на „Телеком“, сепак како што дознаваме, по препорака директно на централата на „Телеком“ од Германија е изгласана одлука од страна на бордот на директори на Македонски Телеком за раскинување на договорот. Според нашите информации, Германците се силно револтирани поради непочитување во изминатите две и пол години на одредбите од меѓусебниот договор од македонската страна за соодветна покриеност и промоција на „Телеком“ на сите настани кои биле организирани на нашиот најголем стадион, како и несоодветно брендирање на националната арена.
Тогашниот генерален директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, при потпишувањето на договорот, истакна дека со брендирањето на Националната Арена во Телеком Арена, Македонија се приближува уште еден чекор напред кон светски прифатените трендови во спортската индустрија, така што на овој начин арената ќе добие уште поатрактивен и модернистички изглед, кој секако е на општо задоволство на сите граѓани во државата.
„Соработката помеѓу големите компании и спортската индустрија, особено именувањето и брендирањето на големи важни спортски објекти е добровоспоставена пракса низ целиот свет. Па затоа, потпишувањето на Договорот за соработка со Македонски Телеком е доказ дека националната арена добива сигурен и доверлив деловен партнер во иднина. Стадионот во Градскиот парк е импресивен објект и препознатлив белег на градот Скопје и околината. Нашата поддршка ќе обезбеди промоција на Телеком Арената во пошироки рамки по теркот на светски познатите стадиони, но и дополнително ќе го поттикнеме здравиот начин на живот и развојот на спортски дух кај граѓаните во државата“ – изјави пред две години по потпишувањето на договорот, и главниот извршен директор на Македонски Телеком, Андреас Маиерхофер.
Никогаш во јавноста не беше објавена висината на меѓусебниот договор, но според нашите информации, сега Телеком, поради неисполнување на договорот од едната страна, иако неофицијално, ќе бара и рефундирање на дел од средствата кое претходно беа вложени за реконструкција на Арената.
По ова, нашиот најголем стадион повторно се враќа на своето претходно име „Филип Втори Македонски“, иако не е тајна дека добар дел повозрасни љубители на фудбалот, како и навивачи на најтрофејниот македонски клуб Вардар бараат и враќање на неговото прво име – Градски стадион Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА