Сантијаго Солари ќе биде отпуштен во следните 24 часа откако Жозе Мурињо се согласил да го преземе тимот на Реал Мадрид уште во текот на оваа натпреварувачка сезона. Судбината на Аргентинецот беше запечатена со срамниот пораз од Ајакс, но Флорентино Перез не се решаваше на врачување на отказ додека не договори врвен стратег што ќе има долгорочен ангажман.
ТВ-каналот „Телемадрид“ тврди дека конечно е постигнат тотален договор со Мурињо, откако „специјалниот“ ги прифатил понудените услови, да го води тимот до крајот на оваа сезона, а потоа и уште дополнителни две години. Во ситуација кога за летни преговори се шпекулираше со врвни тренерски имиња како Зидан, Алегри и Покетино, Португалецот не сакаше да ризикува, па реши да ја прифати последната понуда на Флорентино Перез.
Според „Телемадрид“, одлуката за отказ на Солари ќе биде официјализирана во наредните 24 часа, по што во најскоро време ќе следи и потписот со Мурињо. Само за потсетување, Жозе Мурињо седеше на клупата на Реал Мадрид од 2010 до 2013 година, период во кој освои една титула во „Ла Лига“ и еден трофеј во „Копа дел реј“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА