Одличната одбрана си го направи своето и македонската репрезентација до 21 година уште по првите десет минути доминираше над селекцијата на Полска. Селекторот Илија Темелковски вели дека во изминатиот период тој и неговите избраници се фокусирале токму на тој дел од играта против полските ракометари кои немаа одговор за „пет-еден“ одбраната.
„Им реков дека е најважно како ќе отвориме – така ќе оди целиот натпревар. Отворивме добро, поведовме со 3-0. Мислам дека ја задржавме концентрацијата за понатаму. Видовте и сами, клучниот момент за тоа беше „пет-еден“ одбраната. Видовме на снимките дека Полјаците тешко ја разбиваат таа одбрана. Нив им одговара повеќе да играме „шест-нула“. Мислам дека психолошки созреавме и направивме одлични полуконтри и напади“ – вели Темелковски.
Како и Талески, така и селекторот алармира да не се ’лета’ во облаци бидејќи до крајот на квалификациите има уште два натпревари.
„Мислам дека сме доволно сериозни и искусни, и под итно ќе го заборавиме натпреварот со Полска. Не го гледавме натпреварот меѓу Португалија и Турција за со мирни глави да влеземе на овој денешен дуел. Полска е репрезентацијата која ќе ни го отвори патот, но не ги потценуваме и другите. Мораме со Португалија да ја издржиме еуфоријата и со паметна игра да отидеме на СП“ – дополни Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА