Младинската ракометна репрезентација на Македонија денеска ги доби противниците во групата на Светското младинско првенство што ќе се одржи од 18 до 30 јули во Алжир. Македонија ќе игра во групата со Шпанија, Тунис, Бразил, Буркина Фасо и со Русија, противници со кои според селекторот Илија Темелковски, може да играме и да се бориме за позитивен резултат. Оценката на селекторот е дека македонската репрезентација во овој состав треба да се бори за пласман меѓу осумте најдобри на шампионатот.
„Ако сме квалитетна репрезентација, а ние сме таква, тогаш не треба да гледаме кој ни се противниците туку против сите да се обидеме да одиграме квалитетно. Генерално, имаме противници со кои може да играме и да победиме. Треба добро да се подготвиме за ова првенство и да одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар. Веќе имаме репрезентација со која никако не смееме да бидеме задоволни само со настапот на ова СП. Ќе сториме се да се пласираме во втората осминафинална фаза и потоа да се бориме за влез меѓу осумте најдобри“ – истакнува Темелковски.
Според селекторот на младинците, освен Шпанија која е прв фаворит во групата, Македонија има квалитет да се носи со останатите четири репрезентации и да се бори за позитивен резултат што ќе ни обезбеди едно од првите четири места во групата и продолжување на натпреварите во следната фаза на шампионатот.
„Верувам дека со оваа репрезентација може да стигнеме до четвртфинале, се над тоа ќе биде плус и успех повеќе. Но, првично фокусот ќе биде на натпреварите во групата. Со добри, навремени подготовки и со добра анализа на противниците, верувам дека може да се бориме за второто место во групата. Шпанија секако е прв фаворит, но против Тунис, против Бразил, Буркина Фасо и против Русија можеме да се бориме за позитивен резултат, со една умерена самодоверба. Имаме квалитетни играчи од кои дел се веќе и во составот на сениорската репрезентација. Веќе имаат искуство во големи натпревари. Верувам дека може да направиме успех со оваа репрезентација“ – оптимистички најавува селекторот Илија Темелковски.
По одредувањето на групите, деновиве како што најави селекторот ќе биде изготвен и планот за подготовките во кој ќе се бара најефикасниот начин да се задржи формата на играчите по завршувањето на клупската сезона и да се усогласи работата на остатокот од младинската репрезентација со настапите на младинците кои во јуни ќе играат за сениорската репрезентација во двата завршни натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.
Македонската репрезентација во квалификациите за СП (21) во Алжир го освои првото место во групата со Португалија, Полска и со Турција што и донесе пласман на младинскиот мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА