Ерик тен Хаг е решен да остане на чело на Манчестер Јунајтед и да покаже дека е вистинскиот стратег за „црвените ѓаволи“ и во наредната сезона. Британските медиуми вчера ги интензивираа шпекулациите дека на холандскиот стручњак веќе му било кажано дека летово ќе добие отказ, но Тен Хаг категорично ги демантираше ваквите гласини.
Според него, тој допрва ќе покаже дека заслужува да остане на чело на клубот и ќе ги оправда очекувањата на новата управа. Шансите за останување значително се намалија со заминувањето на директорот Муртог кој го донесе Тен Хаг во клубот, но екс-тренерот на Ајакс верува дека може успешно да соработува со новата управа на чело со Сер Џим Ретклиф.
„Секако дека ќе ми недостига поддршката на Муртог, имавме добра соработка. Сепак, веќе кажав дека блискu соработувам и со новата управа. Ништо не е променето за мене, имам идеални услови за работа. Наспроти она што се пишува, ја чувствувам поддршката од луѓето околу мене. Знам дека можам многу повеќе, јас не сум го завршил она што го почнав овде во Манчестер Јунајтед и верувам дека ги поставуваме работите на вистински начин за да бидеме успешни во иднина“, изјави Тен Хаг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА