Тен Хаг е желбата на Баерн, но дали ќе може да го чекаат до јули

Ерик Тен Хаг е големата желба на раководството на Баерн Минхен за предводник на проектот на баварскиот гигант. Откако му беше врачен отказ на Нико Ковач, челниците на Баерн ја интензивираа потрагата по нов стратег, а на врвот на нивната листа со желби се наоѓа актуелниот стратег на Ајакс.

Беспрекорната работа на Тен Хаг во холандскиот гигант и препознатливиот стил на игра што го создаде се најдобра можна препорака за овој стручњак, но проблем претставува фактот дека тој има договор со Ајакс до 2022. Директорот Марк Овермарс најави дека нема да му стои на патот доколку добие интересна понуда, но Ајакс би дал зелено светло за заминување само во јуни, никако среде сезона. Токму затоа, баварскиот гигант требаше да реши, дали да го договори Тен Хаг за следната сезона или вниманието да го насочи кон други опции. Доколку се реши за првата варијанта, Баерн најверојатно ќе го задржи Ханс Флик како прв тренер, a како негов асистент ќе биде донесен Мирослав Клосе.

Доколку вниманието се насочи кон втората опција, тогаш во преден план ќе излезат Масимилијано Алегри и Жозе Мурињо, двајца врвни стратези што моментно се без ангажман и можат веднаш да пристигнат на „Алијанц Арена“.

Баерн Минхен го очекува домашен натпревар во ЛШ против Олимпијакос, а в сабота е големото дерби на Бундес-лигата против Борусија Дортмунд на „Алијанц Арена“.

Се вчитува...