Тен Хаг: Ех, да бевме комплетни… јас сум вистинскиот човек за тренер на Манчестер Јунајтед

Ерик тен Хаг одби да преземе одговорност откако неговиот тим загуби уште еден натпревар, деветти пораз сезонава, по слабото издание на Манчестер Јунајтед и заслужениот пораз на гостувањето против Нотингем форест.

Холандскиот стратег се соочува со огромна опасност да добие отказ веќе во наредните 48 часа, но тој е дециден на ставот дека вината за кризата не треба да се бара кај него, туку во бројот на повреди во екипата.

„Знаеме што е проблемот. Ниту еден тим не може да надмине проблеми какви што имавме ние оваа сезона. Сепак, моравме да бидеме подобри, со квалитетот што го имаме на клупата, но кога ќе имаш толку многу повреди, ниту долгата клупа некогаш не е доволна. Знаеме дека мораме подобро, во првото полувреме бевме ОК, но во вториот дел имавме сериозни падови на концентрацијата, што Нотингем ги искористи за да постигне два гола. Имавме свои моменти на овој меч, но не беа доволни“, прокоментира Тен Хаг.

Наспроти најавите за смена, екс-тренерот на Ајакс е убеден дека ја има поддршката на новите косопственици на клубот, предводени од британскиот милијардер Сер Џим Ратклиф.

„Јас сум вистинскиот човек за тренер на Манчестер Јунајтед, јас сум тој што може да го одведе овој тим напред, знам дека и новите газди се свесни за тоа. Ме познаваат, знаат дека кога ќе имам комплетен квалитетен тим на располагање ќе го донесам резултатот што сите го очекуваат. Лани имавме подобри резултати од она што се очекуваше, годинава резултатите се послаби. Сите мораме подобро, а јас морам да го предводам тој процес“, порача Ерик тен Хаг.

Се вчитува...