Стратегот на Ајакс, Ерик Тен Хаг, обелодени дека планира да користи методи на работа на Пеп Гвардиола, за да го изненади Реал Мадрид и да го елиминира европскиот првак во осминафиналето од Лигата на шампионите. Тен Хаг работеше во младинската школа на Баерн додека Гвардиола беше тренер на првиот тим на баварскиот гигант и имаше одлична соработка со каталонецот, па не крие дека голем број од тие тактички замисли сега се обидува да ги пренесе и во Ајакс.
„Фудбалската филозофија на Гвардиола е сензационална, тој го докажа тоа во Барселона, Баерн и сега во Манчестер Сити. Структурата на нападите на која инсистира Пеп е максимално атрактивна, тоа е она што се обидувам да го наметнам и како стил на игра во Ајакс. Не е тајна, се обидувам да го копирам Гвардиола бидејќи верувам дека ако успеам во тоа – можам да го победам и Реал Мадрид“ – изјави Тен Хаг во пресрет на вечерашниот натпревар.
Ајакс заостанува шест бода зад ПСВ во трката за титулата во Холандија, па јасно е дека позитивен резултат вечерва му е неопходен на Тен Хаг за да се ослободи од се поголемиот притисок. Бидејќи сепак тој не е Гвардиола, за да има преголем „кредит“ кај газдите и навивачите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

