Недисциплината на Маркус Рашфорд се уште е во центарот на вниманието на англиската јавност, откако голгетерот е критикуван од сите страни поради покажаниот непрофесионализам и лагата дека не тренирал поради болест, кога вистината е дека имал 12-часовен маратон по дискотеките во Белфаст.
„Црвените ѓаволи“ реагираа и го казнија овој фудбалер со огромни 650.000 фунти, а останува да се види дали тренерот Тен Хаг дополнително ќе го санкционира Рашфорд не ставајќи го во игра на вечерашниот дуел со Вулверхемптон. Холандскиот стручњак на прес-конференцијата пред овој меч отворено говореше за недоволниот професионализам на фудбалерите.
„Ова е Манчестер Јунајтед, еден од најголемите клубови и искрено верувам кога велам дека секој што е дојден во овој тим треба да знае да разликува што е добро, а што лошо. Говориме за врвен фудбал, оние кои играат мора да бидат свесни дека мора да се однесуваат на највисоко ниво, на теренот, но и надвор од него. Јас не сум тука за да ги едуцирам, да им кажувам што е добро, а што лошо во животот, кога веќе стигнале до ова ниво мора да се свесни за обврските кои следат со него“, изјави Тен Хаг.
Холандскиот стратег и самиот се соочува со притисок, па евентуален неуспех вечерва повторно би ги интензивирал шпекулациите за негов отказ, особено откако Жозе Мурињо вчера јавно истакна дека би сакал да се врати назад на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА