Ерик тен Хаг ги потроши сите кредити во Манчестер Јунајтед, па холандскиот стратег сега се соочува со сериозна опасност од отказ. Прераната елиминација од Лигата на Шампионите ќе донесе значителни финансиски загуби за клубот, тоа ќе се одрази врз буџетот за засилувања во јануари, a управата се повеќе гледа со недоверба на холандскиот стратег по серијата промашени засилувања кои тој ги донесе во изминатите 18 месеци.
Тен Хаг има причина да се тресе и бидејќи новиот ко-сопственик Ретклиф најави промени во клубот, а во меѓувреме се појавија информации и дека „црвените ѓаволи“ веќе разгледуваат нова сериозна опција за тренер. Станува збор за поранешниот шпански селектор и екс-тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, кој не крие дека е заинтересиран за преселба на „Олд Трафорд“ и веќе дал сигнал за преговорите се интензивираат во наредните денови. Тој е без ангажман откако пред самиот старт од сезонава си замина од Вулверхемптон поради конфликт со управата, во изминатиот месец ги одби Нотингем Форест и Кристал Палас, но јасно е дека неговиот одговор кога станува збор за Јунајтед нема да биде негативен.
Како што стојат работите, Тен Хаг ќе има последна шанса в недела против Ливерпул, а доколку „црвените ѓаволи“ доживеат убедлив пораз, тоа ќе значи и крај на оваа авантура за екс-стратегот на Ајакс, кој имаше ветувачки старт, но севкупно гледано не ги оправда високите очекувања на навивачите и челниците на гигантот од „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА