Ерик тен Хаг веднаш по добиениот отказ од Манчестер Јунајтед се врати назад во Холандија, клубот во меѓувреме го избра Рубен Аморим за негов наследник, а холандскиот стручњак денеска се јави со проштално писмо упатено до навивачите на англискиот фудбалски гигант.
Во него, Тен Хаг се заблагодари за поддршката што ја добиваше од фанвоите од првиот па се до последниот ден од авантурата на чело на Јунајтед.
„Драги навивачи, би сакал на почетокот да ви се заблагодарам, затоа што секогаш бевте тука за клубот. Не беше важно дали игравме на Олд Трафорд или на друг стадион, знаевме дека секогаш ја имаме вашата поддршка. Секогаш уживав со средбите на фановите на Јунајтед ширум светот, често за време на прошетките низ Англија можев да разговарам со фановите… Ме инспириравте, ми дадовте силно чувство на припадност… Тоа е она што ги прави навивачите на Јунајтед така посебни. Сакам да се заблагодарам поради тоа чувство и поради поддршката. Освоивме два трофеја, успеси кои ќе ги ценам до крајот на животот. Секако, мојот сон беше да донесам нови трофеи, но на жал на тој сон му дојде крајот. На сите навивачи на Манчестер Јунајтед им посакувам само успеси, трофеи и слава. Вашата поддршка сето ова време ми помогна да се чувствувам како дома. Ви благодарам за ова поглавје од мојот живот“, напиша Ерик тен Хаг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА