Вербалната војна меѓу Реал Мадрид и Барселона околу судењето во Ла Лига доби ново продолжение и учесници. Реал го започна судирот со традиционална новогодишна здравица од Флорентино Перез. Претседателот на Реал Мадрид посвети голем дел од својот говор на судењето. Тој особено го истакна „случајот Негреира“ и „специфичните судиски одлуки што директно му наштетија на Реал оваа сезона“.
Жоан Лапорта, претседателот на Барселона, која е актуелен шампион и моментално води во првенството со четири бода предност пред кралскиот клуб, му одговори на Перез дека „страда од акутен барселонитис“.
Сега претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас се приклучи во војната. Во интервју за каталонскиот весник Спорт, тој рече:
„Барселона не крева тензии во овој случај. Ниту другите клубови. Реал е тој што е против сè. Против Барселона, против судиите, против сите. Мислам дека она што го прават е погрешно. Нивниот наратив не помага никому“, изјави Тебас.
Тебас истакнува дека е особено опасно Реал да ги поврзува сегашните судиски грешки со настани од минатото:
„Наративот на Реал е дека она што се случува денес, со индивидуалните судиски грешки, е последица на она што се случи во 2019 или 2017 година. Тие се обидуваат да создадат наратив дека судиите моментално се под некаков вид влијание. Тоа е многу опасно бидејќи не е вистина. Реал го создаде тој наратив и тоа создава тензии“, заврши Тебас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

