Францускиот лев бек Тео Хернандез, поранешен симбол на Милан, би можел наскоро да се врати во италијанскиот фудбал, и тоа во дресот на големиот ривал Јувентус. Според информации од познатиот италијански новинар Карло Пелегати, преговорите меѓу агентите на играчот и „старата дама“ се во напредна фаза, а трансферот би се реализирал во летниот преоден рок.
Хернандез го напушти Милан во јули 2025 година, преселувајќи се во саудискиот Ал Хилал за сума од околу 25 милиони евра. Иако трансферот во Саудиска Арабија изгледаше како финансиски мотивиран чекор, со плата од околу 20 милиони евра годишно, францускиот репрезентативец подоцна призна дека не сакал да го напушти „Сан сиро“. Милан не му понудил нов договор, па тој бил принуден да бара нови предизвици.
Сега, по само половина сезона во саудиската Про Лига, 28-годишниот дефанзивец е решен да се врати во европскиот фудбал. Неговиот договор со Ал Хилал трае до јуни 2028 година, па „бјанконерите“ ќе мораат да преговараат и со саудискиот гигант. Ова потенцијално враќање во Серија А, токму кај ривалот на Милан, сигурно ќе предизвика бурни реакции меѓу навивачите на „росонерите“. Хернандез помина шест сезони на „Сан сиро“, одигра 262 натпревари и беше клучен во освојувањето на Скудетото во 2022 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

