Кошаркарскиот суперталент Теодор Симиќ би требало да дебитира за сениорската репрезентација на Македонија на претстојниот квалификациски турнир во Перм. Младиот центар за два дена ќе наполни 17 години, но селекторот Александар Тодоров е подготвен да му даде шанса на сениорско ниво, се со цел да се почне со процесот на подмладување на репреззентацијата. Планот е Симиќ да патува со националниот тим во Перм, а таму би можел да има и извесна минутажа, но исклучително важно е тој да ја почувствува атмосферата во националниот тим, во кој се очекува да биде еден од лидерите во годините што доаѓаат.
Младиот центар сезонава на 16 години имаше добри резултати во младинската Евролига, настапувајќи против кошаркари што се две години повозрасни од него. Тој имаше и неколку средби против шпански сениорски нисколигаши, но дуелите со центрите на Италија, Русија и на Естонија би биле драгоцено искуство за овој млад кошаркар. Андреј Јакимовски поради обврските во САД нема да биде дел ниту од овој репрезентативен собир, но се очекува заедно со Симиќ за Русија да одлета и младиот плејмејкер Лука Савичевиќ, кој беше дел од националниот тим и во Талин, но поради откажувањето на тие средби не дебитираше за сениорската репрезентација.
Подготовките за февруарскиот „прозорец“ на ФИБА кој предвидува настап на турнирот во Перм, ќе стартуваат на 10. февруари во Скопје. „Балонот“ во Перм го отвораме со мечот против Италија, на 18.февруари. Наредниот ден играме со селекцијата на Русија. По единствениот ден за пауза, на 21. нè чека втората средба со Италија, додека пак на 22. февруари е веројатно и најважниот меч во квалификациите, против репрезентацијата на Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА