МЗТ Скопје најави атак на влез во АБА1 лигата, а македонскиот првак со изданието во првото коло од АБА2 јасно стави до знаење зошто е еден од фаворитите во 2024/25 во ова натпреварување.На гости во СЦ „Јане Сандански“ вечерва беше тимот на Теодо, кој ја почувствува силата на македонскиот првак, избраниците на тренерот Атанасов одиграа одличен меч и заслужено триумфираа со 68-50.
Од самиот почеток беше јасно дека МЗТ е поквалитетен тим на теренот, „металците“ предводени од Војдан Стојановски експресно се одлепија на 15-7 и го примораа гостинскиот тренер да го земе првиот тајмаут. Првата четвртина заврши со предност на аеродромци од 21-13, позитива што ја одржуваа до крајот на полувремето (35-24) и покрај слабиот шут од далечина (1/9 за тројка во првите две четвртини). Македонскиот тим нешто послабо ја почна третата четвртина со четири промашени тројки, противникот се приближи на пет поени разлика, пред Маслинко конечно да погоди од далечина за први поени на МЗТ во четвртината на истекот од 24. минута.
„Сино-белите“ одржуваа двоцифрена предност пред крајот на третата четвртина, а потоа во поледниот период повторно додадоа интензитет во одбраната, ги затворија приодите кон сопствениот кош примајќи само 11 поени за 10 минути игра, на крајот заслужено славејќи со убедливи 68-50.
Војдан Стојановски постигна 13, а Баковиќ 12 поени за тимот на МЗТ во овој триумф, додека Андреј Маслинко реализираше девет поени и седум скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА