Теодор Величковски е нов младински шампион во снукер (ФОТО)

Снукер сезоната низ досега невидена изедначеност во Државното сениорско првенство, се префрли и во конкуренција на младинците, каде што во финалето се сретнаа ланскиот шампион Марко Величковски и предизвикувачот, Теодор Величковски, инаку негов помлад брат.

Последната црна топка во третиот фрејм беше одлучувачка, а Теодор беше оној што го зададе победничкиот удар и на крајот го подигна трофејот. Тој е петти младинец кој станал шампион во својата конкуренција во овие пет години на организирани државни првенства. Претходно, овој наслов го освојуваа таленти како Филип Нешкоски, Блендијан Ќазими, Андреј Ѓурчиновски и Марко Величковски.

Третото место им припадна на двајца браќа, дебитанти, Михаил и Теодор Спировски, кои беа елиминирани во полуфиналето, но покажаа завиден напредок.

Во очекување на крајот на сезоната во А и Б дивизиите (и во двете серии треба да се одигра уште еден турнир), за сениорите беше организиран и традиционалниот турнир „6 црвени“, на кој издоминира трикратниот шампион Берат Јашари, пред ланскиот победник на ова натпреварување, Петар Панов. Третите места им припаднаа на Александар Ставриќ и Петар Колоски.

Се вчитува...