Виртус Болоња е новиот шампион на Еврокупот, откако италијанскиот првак во финалето на домашен терен го совлада тимот на Бурса со убедливи 80-67. Турскиот тим, во чиј стручен штаб се наоѓа и македонскиот стратег Мирко Петрески, во претходните две рунди на гостински терен ги шокираше Партизан и Цедевита, но Бурса немаше сили за сличен подвиг и вечерва, губејќи од почеток до крај во пеколната атмосфера во арената во Болоња.
„Болоњезите“ предводени од фантастичниот Милош Теодосиќ уште од самиот почеток наметнаа ритам со кој гостите се мачеа да го следат, а згора на тоа двајца од стартерите на Бурса уште во првите четири-пет минути влегоа во проблеми со личните грешки. Турците заслужуваат само пофалби бидејќи не се откажаа, па од „минус 15“ на 14 минути до крајот, во последниот период намалија на само пет поени негатива. Сепак, тоа беше се што успеаја да сторат бидејќи Болоња имаше премногу врвни асови за да го издржи завршниот налет на противникот и да ја осигура победата.
Теодосиќ одигра извонреден меч постигнувајќи 21 поен, надополнет со три асистенции. Жаите и Вимс придонесоа со по 13 поени за овој триумф на Виртус Болоња, додека Белинели го заврши финалето со 12 поени.
Триумфот во Еврокупот значи и автоматски билет за пласман во Евролигата, но не се исклучува можноста вајлд-карти за елитното друштво да добијат уште неколку екипи, доколку се реализираат најавите за исклучување на руските екипи од ова натпреварување за сезоната 2022/23.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА