Теодосиќ предложи револуција во Евролигата: „Фајнал 4“ системот е неблагодарен

Еден од најдобрите плејмејкери во историјата, Милош Теодосиќ на подкастот „X&O’s CHAT“ со Един Авдиќ говореше на повеќе теми, а една од нив беше и форматот на завршницата на најелитното европско кошаркарско првенство, Евролигата.

Српскиот кошаркар е против сегашниот формат на „Фајнал 4“ каде наместо плеј-оф серија се играат полуфинале и финале, на еден натпревар. Според Теодосиќ кој се осврна и на фазмоното финале помеѓу тогаш неговата ЦСКА Москва и Олимпијакос во 2012 година ваквиот формат е неблагодарен.

„Системот на „Фајнал 4“ е неблагодарен. Не можам да кажам дека е неправеден, но ајде да одиграме серија од пет или седум натпревари и подобриот тим ќе победи. Ако сте подобри, ќе не победите три или четири пати“, вели Теодосиќ кој во 2012 година загуби „добиено“ финале откако Олимпијакос направи неверојатен камбек и славеше во неизвесна завршница.

„Играте 40 натпревари, губите еден, и тоа е тоа. Малку е неблагодарно. Не го велам ова поради таа игра“, објасни Србинот.

Се вчитува...