Милош Теодосиќ конечно го имаше својот камбек по повредата што го оддалечи од терените, а српскиот плејмејкер веднаш имаше значаен придонес за својот тим, осигурувајќи ја победата на ЛА клиперс против Торонто (96-91). Клиперси имаа водство од 88-87 кога Теодосиќ ги зеде работите во свои раце и со прецизен удар од далечина на 40 секунди до крајот стави печат на триумфот, воедно и прекинувајќи ја серијата од шест победи на Торонто.
Србинот, кој ги пропушти последните 22 средби на клиперси, го заврши мечот со 12 поени, додека Џордан оствари дабл-дабл за победничкиот тим од 14 поени и 17 скокови.
Milos comes back from injury to hit the clutch three to help seal the deal!The @LAClippers pull out the victory against the @Raptors late in the game, winning 96-91. #ItTakesEverythingpic.twitter.com/RBYCg1jqFu
— NBA (@NBA) December 12, 2017
Чикаго неочекувано лесно и убедливо славеше над Бостон со 108-85, меч на кој селтикси настапија без својата главна ѕвезда Кајри Ирвинг. „Биковите“ го имаат најслабиот скор во лигата во моментов, но со мотивирана игра стигнаа до предност од 18 поени уште во втората четвртина, што знаеја како да ја задржат до самиот крај. Миротиќ беше најефикасен во победничкиот тим со 24 поени.
Голден стејт и со преполовен тим успеа да триумфира над Портланд со резултат 111-104. „Воините“ настапија без Стеф Кари, Дрејмонд Грин и стартниот центар Заза Пачулија, но во своите редови го имаа расположениот Кевин Дурант, кој е најзаслужен за победата со 28 поени, девет скока и три блокади.
Хјустон останува тим со најдобар скор во лигата откако „ракетите“ вечерва ја забележаа својата 21. победа, и тоа по големиот пресврт против Њу Орлеанс (130-123). Домаќините ја надминаа негативата од десет поени во последната четвртина и стигнаа до својата десетта победа во низа, пред се благодарение на Харден и неговите 26 поени и 17 асистенции.
Резултати НБА:
Чикаго – Бостон 108-85, Хјустон – Њу Орлеанс 130-123, Мемфис – Мајами 82-107, Оклахома сити – Шарлот 103-116, Голден стејт – Портланд 111-104, ЛА клиперс – Торонто 96-91,
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА