Во Реал Мадрид пристигнале 44.755 барања за влезници за финалето во Лигата на шампионите што се игра на 3 јуни во Кардиф. Вчера истече рокот во кој навивачите можеа да испраѓаат барања до клубот. За финалето во Кардиф, мадридскиот клуб има обезбедени 14.645 места на трибините.
Добитниците на влезниците се извлекуваат со лотарија, а тие што ќе дојдат до влезници не ќе можат да ги препродаваат. Клубот веќе објави и соопштение со предупредување дека препродавачите ќе бидат строго казнети.
Иако бројките се големи, ова сепак не е најголем интерес за настапот на Реал Мадрид во финалето на ЛШ во последниве години. Многу поголема побарувачка за влезници имаше кога Реал Мадрид одеше во Лисабон по десетата титула континентален шампион на финалето во ЛШ во 2014 година. Тогаш во мадридскиот клуб пристигнале дури 73.314 барања за влезници, а две години подоцна за миланското финале во ЛШ, навивачите на „кралскиот клуб“ барале 56.047 влезници.
Изминативе денови шпанските медиуми пишуваа и за тоа дека поради ограничените сместувачки капацитети во Кардиф, многу од навивачите ќе мора да кампуваат за да можат да го гледаат финалето во ЛШ во живо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА