Тер Штеген тргнува во војна со Барселона

Сосема неочекувано Барселона си создаде огромен проблем откако Марк Андре Тер Штеген тргна во војна со управата на каталонскиот клуб, јасно ставајќи до знаење дека нема намера да си замине до истекот на договорот (јуни 2028 година). Германецот беше прв голман до тешката повреда, неодамна се врати на терените, но и самиот остана шокиран кога каталонците на самиот почеток од преодниот рок се решија да доведат нов голман, Хоан Гарсија од Еспањол.

На овој шпански голман се гледа како на прва опција за следната сезона, продолжена беше и соработката со Шчесни, со што стана јасно дека Тер Штеген веќе не е дел од плановите на тренерот Флик. Каталонските медиуми пишуваа дека Флик бил разочаран од односот на сонародникот за време на рехабилитацијата, но најмногу откако Тер Штеген ја надмина повредата, поради огромниот притисок што бил вршен дури и за тој да брани на полуфиналните средби од ЛШ против Интер.

Флик останал на својот став Шчесни да брани на овој двомеч, но и испратил порака до управата дека Тер Штеген ќе мора да биде продаден летово. Барса дури и му понудила компензација од една годишна плата (околу осум милиони евра) за тој да потпише раскин на договорот и како слободен играч ја избере следната дестинација, но чуварот на мрежата децидно одбил ваква варијанта.

Голманот е разочаран што тој е посочен како виновник за целокупната ситуација, а извори блиску до него тврдат дека Тер Штеген во знак на протест е решен да остане по секоја цена во клубот.

Барса од друга страна ќе стори се за да му го промени ставот, па се чини дека летово ќе следиме сапуница околу искусниот германски голман во редовите на каталонскиот гигант.

Се вчитува...