Борусија Дортмунд се подготвува за финалето во Лигата на Шампионите што „милионерите“ в сабота во 21 часот ќе го играат на „Вембли“ во Лондон, а за противник ќе го имаат најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид.
Јасно е дека шпанскиот гигант ќе ја има фаворитската улога, но тренерот на Борусија, Един Терзиќ, е оптимист дека неговиот тим може да им ги замрси сметките на „кралевите“. Борусија во минатата рунда како аутсајдер успеа да го елиминира ПСЖ, а Терзиќ и неговите избраници ќе се обидат да го повторат истото и против Реал Мадрид.
„Против себе имаме екипа што играла многу финалиња, но кога се игра само еден меч за трофеј, знаеме дека се е возможно. Ако треба да играме десет средби со Реал, ќе биде тешко да имаш позитивен вкупен резултат. Сепак, во еден меч од 90 или 120 минути, можеме да го победиме секој противник на светот, зошто да не и Реал. Сезонава игравме со Њукасл, Милан, ПСВ, Атлетико, ПСЖ… од натпревар во натпревар ни беше се потешко, но секогаш наоѓавме начин да победиме. Сега кога стигнавме во финалето, сонуваме да го направиме тој последен чекор“, истакна тренерот на Борусија Дортмунд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА