Тешка ноќ за македонските одбојкарки: „Добивме лекција за будење….“

Тешка ноќ имаше стручниот штаб и репрезентативките на Македонија по убедливо загубениот дуел со Швајцарија во вториот натпревар од ЦЕВ Сребрената Европска лига во Струмица. Постои голема разочараност поради изданието на екипата и не можноста поквалитетно да се спротивставиме на еден од главните фаворити за освојување на Сребрената лига.

Анализите допрва ќе следуваат и ќе се бараат грешките и аномалиите, но најважно ќе биде да се извлече поука од овој натпревар.

„Не знам што ни се случи. Не можевме ништо, сè што се обидовме да направиме заврши безуспешно. Статистички гледано имавме подобар прием од првиот натпревар со Луксембург, но нивната игра на мрежа и блокот беше нешто што не успеавме да го ‘разбиеме’. Разликата во квалитетот го направи своето и не ни дозволија да мрднеме. Свесни сме дека вака не смее и не може! Веќе имавме состанок, разочарани сме што не пруживме посилен отпор, но мислам дека ова ќе ни биде добра лекција за будење. Треба што побрзо да се кренеме. Денеска девојките имаат слободен ден, а од утре се насочуваме кон следните натпревари. Имаме уште четири меча за играње и нема предавање“ – кусо анализира селекторот Стефан Пауновиќ.

Женската репрезентација в вторник и в среда ќе тренира во Струмица, додека в четврток патува за Фарски Острови, каде од 6 до 8 јуни на вториот турнир ќе игра против домаќинот и селекцијата на Австрија.

Се вчитува...