Тешка задача ја очекува македонската репрезентација до 19 години на денешниот втор натпревар од УЕФА елитните квалификации за пласман на ЕП.
По поразот од Летонија (1-2) избраниците на Вујадин Станојковиќ денеска мора да атакуваат на триумф против Унгарија доколку сакаат враќање на надежите за трка за првата позиција на табелата, секако со очекување во денешниот втор меч Англија да слави против Летонија.
Но, задачата за потрага на победа дополнително е отежната со неиграњето на капитенот Дарко Чурлинов, кој ќе мора да го пропушти натпреварот поради повредата на грбот заработена на мечот со Летонците.
Во националниот табор се свесни дека ќе мора максимален ангажман доколку се сака триумф против Унгарија која во првиот меч загуби од Англија (1-4), но веруваат дека може да се дојде до посакуваниот резултат.
„Го оставаме зад нас дуелот со Летонија на кој заслуживме победа но ете не ги искористивме нашите шанси. Сега против Унгарија очекувам да играме подобро, па ако победиме, ќе изгинеме на теренот против Англија во решавачкиот натпревар за пласман на ЕП“ – вели Атанасов.
Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија се игра со почеток од 14 часот на теренот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Во вториот меч на „Филип Втори“ играат Англија и Летонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА