Хрватскиот тренер Игор Јовиќевиќ и Шахтјор се пласираа во осминафиналето на Лига Европа по подоброто изведување пенали против Рен. Така Шахтјор им се приклучи на Јувентус, Манчестер Јунајтед, Рома, Унион Берлин, Севиља, Спортинг и Баер Леверкузен кои исто така се пласираа во осминафиналето на Лига Европа.
Украинците победија со 2-1 во првиот меч, Рен возврати со 1:0, а по продолжение поведе со 2:0, но автоголот на домашните во 119. минута го однесе натпреварот до изведување пенали, каде што украинскиот голман Анатоли Трубин беше феноменален. Одбрани три удари од белата точка и со тоа го одведе Шахтјор понатаму.
„Знаевме дека не чека тежок натпревар. Натпреварот се одигра во одлична атмосфера. Исклучително сум горд затоа што отидовме понатаму, и затоа што никогаш не се откажавме. Уживам да ги гледам моите играчи како се борат, за себе и за Украина. Ова не е демагогија. Исклучително е тешко да живеете под постојани сирени, бомби и во таква ситуација да се фокусирате на тренинзи, тактики, кога главна цел ви е да се разбудите живи следното утро“, рече Јовиќевиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА