Фудбалскиот клуб Тетекс преку клупско соопштение се извини за големиот инцидент што се случи на саботниот дуел со Саса, кога еден неодговорен навивач на тетовци влета на теренот и го удри гостинскиот фудбалер Бошко Ступиќ.
Воедно, тетовскиот клуб побара навивачот да биде казнет согласно законот, за во иднина да не се случуваат вакви инциденти на терените.
„Фудбалскиот Клуб Тетекс најостро го осудува инцидентот кој се случи во саботата на првенствениот натпревар против Каменица Саса, воедно се извинува на сите присутни, на официјалните лица, на гостинската екипа, како и на фудбалерот Бошко Ступиќ. Ние како клуб со голема историја и традиција, имаме организирано голем број на натпревари не само во рамки на натпреварувањата во рамки на ФФМ, туку и натпревари од европските купови, но и натпревари во поранешна Југославија, кога во Тетово гостуваа најголемите клубови на овие простори, меѓу кои и екипите од големата југословенска четворка.
Ниту ние, ниту повозрасните љубители на фудбалот не се сеќаат на ваков или сличен инцидент, што говори за одличната организација на нашите натпревари. Овој изолиран инцидент е предизвикан од неодговорен гледач, која со овој потег направи голема штета на реномето на ФК Тетекс. Напаѓачот веќе е идентификуван од страна на институциите на редот и мирот и даваме максимална поддршка да постапат според законските прописи на Република Македонија. Како и до сега, така и во иднина ќе се трудиме нашите натпревари да бидат организирани на високо ниво и вакви несакани појави да бидат минато и никогаш повеќе да не се повторат.
Со почит,
ФК Тетекс 1953
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА