Тетовскиот второлигаш Тетекс пролетната сезона ќе ја започне со речиси нов тим бидејќи во овој зимски преоден рок ангажирани беа дури девет нови фудбалери, но исто и толку и го напуштија клубот. Како сето ова ќе се одрази на првите пролетни натпревари останува да се види бидејќи тренерот Стојан Тодоровски немаше многу време да ја уигра екипата и да види на кои се играчи може сериозно да смета. Некои нови фудбалери потпишаа речиси на самиот ден кога заврши преодниот рок, така што некои од нив речиси и без тренинг ќе настапат за Тетекс на првиот меч со прилепска Победа денеска од 14 часот во Тетово.
Тетекс во вториот дел на првенството ќе стартува и со нов тренер, Стојан Тодоровски, кој дојде на местото на Филип Деспотовски. Трајче Стојковски ќе му биде асистент, а Миле Спирковски тренер на голманите. Инаку на клупата на Тетекс пред Деспотовски есенва седеше на двапати и Дејан Радевски. Сега на ред е Тодоровски.
Тетекс во овој преоден рок го напуштија девет фудбалери: Астрид Амзаи, замина во Шкендија, Петар Обадиќ/Грција/, Џемаил Бектеши /Саса/, Иво Јанакиевски /Скопје/, Никола Саревски /Победа/, Дамјан Јакимовски /Детонит Плачковица/, Рихан Зекири /Косово /,Фисни Салиу/Косово/ и Михајло Јакимовски/Вардар/.
Нови играчи се: Александар Анѓелковиќ /Арсими/, Леонид Илиевски/Вардар/,Ментор Реџепи/Осогово/, Арџент Зибери /Косово/, Стефан Стефановски/Новаци/, Бенјамин Демир /Вардар/, Дејан Цветковски/Вардар/, Алија Арџент /Шкендија/ и Елмази Ерјан /Шкендија/.
Не беше лесно да се ангажираат играчи во зимскиот преоден ток бидејќи понудата е мала, побарувачка по квалитетни фудбалери далеку поголема, ни рече спортскиот директор на Тетекс Бобан Мишевски. Сепак верувам дека ќе бидеме далеку посилни во пролетната отколку во есенската сезона. Можеби ќе има проблеми на почетокот подека се уигра тимот, но јас верувам дека нема да се бориме за останок во лигата.
На крајот на есенската сезона Тетекс се наоѓа во 11 место во конкуренција на 16 клуба со 18 бодови, колку што има и Башкими . Зад нив се Победа 15, Осогово 12, Караорман 11 и Саса 8 бода.
M. Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА