Фудбалскиот второлигаш Тетекс се огласи со соопштение по поразот на денешниот меч против Струга Трим Лум (1-0). Тетовци сметаат дека судискиот критериум на натпреварот бил на нивна штета.
Фудбалскиот клуб Тетекс е ужаснат од случувањата на натпреварот од 23. коло на 2. МФЛ Запад помеѓу Струга ТЉ и Тетекс. Главниот судија Благојче Ралевски од Битола, потпомогнат од своите помошници, од самиот старт на натпреварот тенденциозно судеше на штета на нашата екипа. Безброј недосудени фаули во наша корист, кои ги досуди во корист на противникот, чист недосуден пенал на резултат 0-0 над Десниќ, доделување на картони во смешни ситуации за фудбалерите на Тетекс, а во исто време толерирање на пцуење и вулгарности кон него од противничките играчи. Поради сето ова финансиерот на клубот ќе прекине со секакви вложувања во Македонскиот фудбал, бидејќи вакви местенки не се случуваат ниту во четврта африканска лига.
Затоа би сакале да ги замолиме надлежните во ФФМ да ја погледнат снимката од натпреварот, кој одеше во директен пренос на ТВ платформата на ФФМ и да ни одговорат на следниве прашања:
– За која трета страна (клуб) одработи денеска судијата Ралевски?
– Дали во тесен круг на луѓе, во некоја канцеларија во ФФМ одлучивте дека мора ФК Тетекс да испадне?
– Дали комесарот за делегирање на судии делегираа по нечиј диктат, и чиј?
И на крај:
НА КОГО МУ ПРЕЧИ ФК ТЕТЕКС?
п.с. Додека ФФМ ја истражува регуларноста на натпреварите од 1. МФЛ, во 2. МФЛ однапред се знае кој судија на кој натпревар ќе биде делегиран и за кого треба да суди, која екипа треба да остане во лига, а кој да биде жртвуван. За сето ова имаме и докази кои ќе бидат доставени до соодветните институции на Р. Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА