Поранешниот германски репрезентативец и член на репрезентацијата на земјата што го освои Светското првенство во 1990 година, Франк Мил, почина на 67-годишна возраст, пренесува германски „Билд“.
Мил доживеал срцев удар кон крајот на мај и се верува дека починал во раните утрински часови во вторник.
Германскиот весник „Билд“ објави дека Мил имал срцев удар неколку моменти откако се качил во такси на аеродромот Милано Малпенса, кога пристигнал во градот за да учествува во документарец за триумфот на Германија на Светското првенство.
Мил бил префрлен со хеликоптер во болница и се верува дека бил мртов неколку минути пред лекарите да го реанимираат.
Германецот првично беше ставен во вештачка кома откако неговата состојба се стабилизираше по инцидентот што му беше опасен по живот, пред да му биде дозволено да се врати во својот роден град Есен во Германија за да продолжи со закрепнувањето.
Сепак, по 10 недели борба Мил не издржа и почина во 2:30 часот наутро.
Мил за германската репрезентација имаше 17 настапи и не постигна ниту еден гол. Во својата клупска кариера остави голема трага играјќи за Рот Вајс Есен, Борусија Менхенгладбах, Борусија Дортмунд и Фортуна Дизелдорф. Со тимот од Дортмунд освои еден Куп на Германија. Покрај светската титула во 1990 година, имаше и бронза од Олимписките игри во 1988 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

