Тежок скандал во Алкмар: Полицијата со пендреци удри на челниците на Легија, приведени фудбалерите Панков и Жозуе (ВИДЕО)

Тежок скандал во Алкмар за кој сигурно ќе мора да реагира УЕФА. Холандската полиција се нафрли на играчите, стручниот штаб и челниците на Легија додека чекаа да замине нивниот автобус од стадионот по синоќешниот дуел во Конференциската лига.

Полицијата со пендреци се нафрли и на претседателот на Легија, Дариуш Миодуски, за што постојат видео-материјали документирани од бројните полски новинари кои тука се затекнаа.

Како што пренесуваат полските медиуми, откако Миодуски неочекувано добил неколку удари, некои од играчите се впуштиле во клинч со полицијата, а најдебелиот крај го извлекоа португалскиот фудбалер од средниот ред Жозуе, капитен на екипата, и српскиот дефанзивец Радован Панков, кои се извлечени од автобусот и приведени во станица.

А, до судирот дошло кога полицијата одеднаш одлучила да ги затвори капиите на стадионот во Алкмар, иако половина од играчите и членовите на експедицијата на Легија се уште не излегле од него. Дел од фудбалерите, членови на стручниот штаб и раководството биле во автобусот а другиот требало да им се приклучат од соблекувалните. Но, полицијата одеднаш решила дека стадионот се затвора затоа што навивачите на Легија тргнаа да го напуштаат објектот, но од сосема спротивната страна на стадионот.

Членовите на Легија почнале тука да реагираат, да протестираа на таквата постапка на полицијата затоа што сакале да го напуштат стадионот но не им било дозволено. Полицијата, наводно, во тоа убедување го загубила трпението и почнала да употребува пендреци. На крајот, епилогот е следниот:

„Резултат на сето тоа е дека двајца фудбалери на Легија, капитенот Жозуе и Панков, се извлечени од автобусот и без никаква причина се одведени во полициски автомобил и однесени во станица. Тренерот на Легија, Коста Руњајиќ, тим-менаџерот Конрас Пашњевски и клупскиот адвокат со такси заминале по нив во станица“ – пишуваат полските медиуми.

Се вчитува...