ТФТ без проблеми против „фенерџијата“ Струмица

ТФТ ја продолжи низата на победи на три едно по друго на прволигашката сцена откако на отварањето на 20. коло славеше на домашен терен против „фенерџијата“ Струмица со 92-82. Гостите имаа подобро отварање на натпреварот, но „сино-белото“ водство траеше само три минути по што фаворитската улогја ја потврдија домаќините за 14. победа во сезоната.

На крилја на Мамузиќ и Сучов, гостите од Струмица беа оние кои ја имаа иницијативата на отварањето на натпреварот за 2-8, но ТФТ не дозволи рано високо водство на противникот. „Црно-белите“ ги намалија грешките во нападот, ја кренаа реализцијата па се вратија и во натпреварот и поведоа со 23-19 по 10. минути игра. ТФТ продолжи да го диктира темпото и во продолжението од натпреварот, веќе во втората четвртина стигна до двоцифрнеа предност за 56-41 на полувремето, а задачата си ја заврши во третата четвртина во која во еден момент стигна и до највисоките +29 (76-47).

По истото избраниците на Давитков се „разбудија“, од минута во минута ја топеа предноста, во последната четвртина влегоа со негатива од 77-57, а преку добрата одбрана и високата реализација во нападот успеаја да намалат до 83-79, но немаа сили за неизвесен финиш.

Со „дабл-дабл“ од 16 поени и 14 асистенции лидер на ТФТ беше Костоски, 15 поени додаде Андерсон, а со 14 поени и 8 скока мечот го заврши Батрик. Двоцифрени беа и Николов и Мекбраер кои броеја до 11. Почетната петорка беше двоцифрена и кај Струмица, а како лидер се истакна Крстајиќ со 21 поен, 10 скока и 7 асистенции. 20 поени додаде Обуквелу, 17 Мамузиќ, а по 11 Волкановски и Сучов.

Со оваа победа избраниците на Боро Смилковски ја продолжија успешната трка за посакуваната трета позиција на табелата, додека Струмица останува на дното со само две победи.

Се вчитува...