ТФТ успеа да стигне до победа на гостувањето во Кавадарци против тимот на Тиквеш (63-66), со што избраниците на Боро Смилковски направија огромен чекор напред кон осигурување на предност на домашен терен во првата фаза од плејофот.
Двата тима се мачеа да го најдат ритамот во нападот, а како пресудна се покажа втората четвртина што ТФТ ја доби со 9-22 и на одмор замина со убедливи 28-43. Третиот период донесе потпросечна кошарка во која беа постигнати вкупно 19 поени (10-9 за домаќините), но затоа Тиквеш одигра далеку подобро во последниот период од мечот. Кавадарчани на една минута до крајот намалија на 63-65, а во самиот финиш Младеновиќ не успеа да погоди тројка што ќе го одведеше мечот во продолжение, па натпреварот заврши со триумф на гостите од Скопје.
Браун со 21 поен и 8 скока беше главно име во победничкиот тим, каде двоцифрен ефект имаше само уште Говенс со 10 поени. На спротивната страна, најефикасни кај Тиквеш беа Глигоријевиќ со 21 и Андерсон со 12 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА