ТФТ стигна до премиерната победа во БИБЛ лигата откако на домашен терен славеше со 80-75 над бугарскиот претставник Берое. Тимот од Тафталиџе по лошата одбрана во воведните десет минути ги консолидираше своите редови и заигра на далеку подобро ниво. Разликата на денешниот натпревар можеше да биде и поголема, но младиот тим на Смилковски потфрли во успешноста од линијата за слободни фрлања.
Скопскиот тим подобро го започна натпреварот и поведе со 12-6 во воведните минути, меѓутоа избраниците на Смилковски не успеаја да го исконтролираат скокот под својот обрач каде на противникот му дозволуваа поени од втора шанса па по првите десет минути предноста беше во рацете на Берое (19-23). До полувремето тимот од Тафталиџе ги консолидираше своите редови, ја зајакна одбраната во рекетот, а следеа и лесни поени на спротивната страна за превземање на иницијативата по 20 минути игра (40-38).
Добрата игра во одбраната на „црно-белите“ продолжи и во третата четвртина. Во нападот профункционира и шутот од далечина па избраниците на Смилковски продолжија да ја одржуваат предноста (57-54) и по 30 минути игра. Со добрата одбрана над Реинес во рекетот и доброто трчање во транзиција, ТФТ успеа да стигне и до двоцифрена преднсот (67-57), но Берое ја искористи серијата на изгубени топки на македонскиот состав и се врати на негатива од еден напад, сепак со тројките на Сапунџиев и Андерсон, ТФТ стави крај на натпреварот и стигна до посакуваната победа.
Најрасположен во тимот на ТФТ беше Тајрон Харис со 25 поени и 10 асистенции, додека Лахланд Андерсон додаде 24 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА