ТФТ ја доби „мајсторката“ со Еуро Никел

Кошаркарите на ТФТ се вториот патник во полуфиналето од плеј-офот од Првата лига на Македонија откако денеска во мајсторката на домашен терен славеа против Еуро Никел со 73-59.

Двата тима го отворија натпреварот многу слабо во нападот, игра во која подобро се снајдоа гостите и по десет минути имаа предност од 8-14. ТФТ заигра за нијанса подобро во вториот период и на пауза заминаа со негатива од само три поени (26-29).

Откако добрата игра ја продолжија и во третиот период, ТФТ по триесет минути игра стигна до предност од 51-49. Клучната разлика избраниците на Боро Смилковски ја направија во последниот период во кој одиграа неверојатно во одбраната и на крајот стигнаа до конечен триумф од 73-59.

Александар Костососки со 26 поени беше најголем виновник за победата на ТФТ, додека кај поразените залуден беше 31 поен на Планиниќ.

Во полуфиналната серија ТФТ за противник го очекува подобриот од серијата меѓу Пелистер и Феникс во која исто така се игра мајсторка, а мечот во Битола е закажан за утре.

Се вчитува...