ТФТ поведе со 1-0 во полуфиналната серија со Работнички откако тимот од Тафталиџе по голема битка славеше на првиот домашен меч, по продолжение со резултат 98-90. ТФТ ја заслужи победата ако се знае дека цел натпревар имаше контрола над резултатот, дури и „плус 15“ во третата четвртина, но Работнички успеа да се врати и да се избори за дополнителни пет минути, кои сепак завршија со триумф на домашниот состав.
Мечот почна со тројка на Дубински, а Работнички последното водство го имаше при 11-14, по што ТФТ целосно го сврте резултатот во своја полза. Првата четвртина заврши со предност на ТФТ од 25-16 по тројката на Гринли, а истиот кошаркар повторно беше прецизен од далечина три минути подоцна, носејќи го и првото двоцифрено водство на својот тим (31-21). Резултатот на полувреме гласеше 49-41, домаќините продолжија да доминираат до финишот, кога Дубински влезе во топ-ритам и го врати Работнички во мечот. На крајот, Шошкиќ реализираше едно од двете слободни фрлања и регуларниот дел заврши со израмнети 86-86.
Сепак, „центарци“ немаа сили за да го издржат ритамот, во дополнителните пет минути постигнаа само четири поени, ТФТ знаеше како да го искористи тоа и заслужено славеше со 98-90.
Говенс го предводеше ТФТ во овој триумф со 25 поени, Браун реализираше 21 кај победничкиот тим, додека најефикасни во таборот на Работнички во овој пораз беа Ѓуроски со 20 и Дубински со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

