ТФТ не остави никаква надеж за струмичани

Кошаркарите на ТФТ славеа убедлива победа од 84-111 на гостувањето против Струмица во првиот натпревар од 9. коло во Првата македонска кошаркарска лига.

Скопјани во ниту еден момент не оставија никаква надеж за струмичани за изненадување, уште од првата четвртина преземајќи го водството кое го одржуваа до самиот крај. Првата четвртина заврши со 17-29 за ТФТ а потоа се до крајот беше само рутина.

Седум кошаркари на ТФТ заврши со двоцифрен поен-ефект од кои најефикасен беше Николов со 18 поени, дополнети и со седум скока. Со 15 поени мечот го заврши Батрик, а по 14 поени постигнаа Андерсон и Костоски, кој имаше и шест асистенции. Кај домашните се издвоија Мамузиќ со 22 поени, како и Волканоски со 19 постигнати поени, дополнето и со шест скока.

За ТФТ ова беше петта победа во девет натпревари за четврто место на табелата, зад МЗТ, Пелистер и Гостивар, а Струмица остана на последната позиција со само една победа во досегашниот тек од првенството.

Се вчитува...