ТФТ во рамките од деветтото коло го претрпе и осмиот пораз во АБА2 лигата откако македонскиот претставник убедливо загуби од Спартак Суботица на турнирот во Нови Сад, со резултат 64-93. Ваквиот исход е очекуван ако се знае дека Спартак сериозно инвестираше во играчкиот ростер во последниот период, создавајќи тим за атак на место во АБА1 лигата, додека ТФТ сезонава игра под сопствените можности во регионалното натпреварување.
Дуелот беше израмнет во првата четвртина (20-20), а потоа во вториот период избраниците на тренерот Смилковски целосно парираа се до 15. минута (30-30). Спартак тогаш заигра подобро, го заврши првото полувреме со позитивна серија и на одмор замина со водство од 35-44. Тоа беше само најава за уште подоброто издание на српскиот тим во второто полувреме, во кое во 28. минута Спартак поведе и со 21 поен разлика (46-67). Мечот беше загубен, Смилковски им даде шанса на сите кошаркари во ростерот, а ТФТ не успеа ниту да се приближи, на крајот губејќи го мечот со убедливи „минус 29“.
Луис со 15 и Николов со 12 поени беа единствените со двоцифрен ефект во таборот на ТФТ, додека најефикасни кај Спартак Суботица беа Церовина со 21 и Бојиќ со 10 поени.
Кошаркарите на ТФТ во последниот меч од турнирот во Нови Сад ќе се сретнат со екипата на Шенчур, меч закажан за сабота со почеток во 12 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА