ТФТ покажа зошто е прв – со победа во Битола се зацврсти на врвот

Кошаркарите на ТФТ покажаа зошто моментно се лидери во Супер-лигата откако во дербито на колото како гости го совладаа Пелистер со резултат 83-87. Битолчани имаат за што да жалат ако се знае дека до три-четири минути до крајот беа во егал-меч, но серијата грешки во клучните моменти пресуди гостите да се радуваат на победата на крајот.

ТФТ прв се одлепи на самиот старт поведувајќи со 3-8. Пелистер имаше одговор, но Пелистер со серија добри удари од далечина експресно возврати и поведе со 12-11. Домаќинот со слободното фрлање на Малешевиќ го доби првиот период со 20-18, но ТФТ ја отвори втората четвртина со пет поени во низа, за момент поведе со 20-23. Пелистер експресно израмни, а потоа и благодарение на одличната одбрана во финишот од полувремето на одмор замина со 40-32.

Цврстата одбрана на ТФТ помогна гостите да се вратат во мечот и по само неколку минути игра да поведат со 43-44. До крајот на четвртината се играше израмнето, за Пелистер да влезе во последните десет минути со водство од 64-62. Последната четвртина беше во егал до тројката на Стајиќ за 75-75, домаќините имаа неколку почетнички грешки кога беше најважно, а ТФТ го искористи тоа и стигна до триумф изразен со конечните 83-87.

Дејвис беше прв стрелец на ТФТ со 25 поени, три повеќе од Гордон, додека најефикасни кај Пелистер беа Стајиќ и Малешевиќ со по 20 поени.

Се вчитува...