ТФТ неславно ја заврши оваа сезона во АБА2 лигата откако со денешниот пораз од Шибенка македонскиот претставник го освои последното место во регионалното натпреварување. Ова беше дуел меѓу претпоследниот и последниот тим на табелата, Шибенка успеа да триумфира и да се израмни по бројот на победи со ТФТ (2-11), но хрватскиот тим благодарение на подобриот меѓусебен дуел му го препушти „фенерот“ на нашиот претставник во АБА2.
Шибенка беше подобар противник од самиот почеток, Хрватите поведоа со 11-18, но избраниците на тренерот Смилковски пред крајот на четвртината намалија на 19-22. Со слична игра се продолжи и во натамошниот дел од натпреварот, Шибенка имаше контрола над резултатот, но ТФТ не дозволуваше противникот премногу да се одлепи резултатски. „Портокаловите“ стигнаа до двоцифрена предност пред крајот на третата четвртина поведувајќи со 57-68. Македонскиот тим не успеа посериозно да се приближaт, па неизбежен беше новиот пораз, вкупно единаесетти во 13-те одиграни средби во АБА2 оваа сезона.
Луис и Калхун постигнаа по 15 поени во вечерашниот пораз, 12 реализираше Вирц, а 11 Виктор Ташовски. Најефикасен во таборот на Шибенка беше Лукиќ со 20 поени, девет скока и шест асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА