ТФТ повторно настрада во АБА2 лигата

Кошаркарите на ТФТ одиграа уште еден потпросечен натпревар во рамките од АБА2 лигата, губејќи со убедливи 85-66 на дуелот со Широки Бријег на својот втор дуел од турнирот што се одржува во Суботица. Слично како и на првиот дуел со Златибор избраниците на тренерот Смилковски уште во првото полувреме се соочија со двоцифрена негатива, не успевајќи да се вратат во вториот дел, по што убедливиот пораз беше неизбежен.

Кошаркарите на Широки одиграа импресивно во нападот во првата четвртина, постигнувајќи 32 поени за десет минути и стигнувајќи до убедливо водство (32-17). Противникот од БиХ беше подобар ривал и во вториот период (17-10), па откако се замина на одмор со убедливи 49-27 беше повеќе од јасно дека ТФТ нема што да бара на овој натпревар. Скопскиот клуб во третиот период одигра „егал“ (19-19), по што Широки рутински го задржа водството во последните десет минути, на крајот триумфирајќи со конечни „плус 10“.

Хотон со 15 поени беше најефикасен кај ТФТ, два помалку постигна Виктор Ташовски, а двоцифрен ефект имаше и Луис (12 поени). Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Американецот  Зек Натал со фантастични 35 поени и пет асистенции.

Кошаркарите на ТФТ по овој пораз се враќаат назад во Скопје, а следниот предизвик во АБА2 ќе го имаат на 14 ноември, кога за противник ќе го имаат составот на Цедевита Јуниор.

Се вчитува...